



Ivan Štrpka
Лауреат на СВП 2025
Иван Штрпка e роден на 30.6.1944 година, во Хлоховец, Република Словачка. Две години работел како истражувач во областа на геодезијата. Завршил студии по шпански со словачки јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Комениус“ во Братислава. Во шеесеттите години на минатиот век, заедно со поетите Иван Лаучик и Петер Репка, ја основа индивидуалистичката поетска група Осамени тркачи. Нејзиниот манифест „Враќањето на ангелите“ бил забранет. Во него станува збор за слободата на мислењето, на животот и на творештвото, за одговорноста на поединецот и за отфрлањето на комунистичката диктатура и цензура. Тие формираат свој начин на пишување и сопствени животни вредности.
За време на Кадифената револуција, во 1989 година, бил коосновач и активист на движењето „Јавноста против насилството“. Работел како главен уредник на обновениот легендарен неделник „Културен живот“. Од 1970 г. бил уредник во издавачката куќа „Словачки писател“ (Slovenský spisovateľ), а од 1971 до 1973 г. во издавачката куќа „Татран“ (Tatran). Потоа работел како драматург за деца и млади во Словачката телевизија во Братислава. Од втората половина на 1980-тите работел како главен уредник на повеќе книжевни списанија.
Парк на Поезијата


Дебитирал во 1969 година, со книгата Кусото детство на копјаниците. По објавувањето на Тристан дрдори во 1971 година, добил десетгодишна забрана за објавување. Но потоа издава низа стихозбирки, три книги есеи и романот Заложник. Освен тоа, напишал текстови за музички песни за дванаесет албуми на единствениот рок-композитор и пејач Дежо Урсини.
Неговите дела се преведени на повеќе странски јазици. Самиот преведува од португалски, шпански, италијански, унгарски и арапски јазик.
Добитник е на повеќе книжевни награди.
Живее во Словачка, во Братислава и другаде.

Дом на Културата


ШТО СОНУВА ВО НАС?
Се концентрира долги минути по ненадејното будење,
пред да стапне во своите жешки износени чевли.
Заминува взори. И никој не знае колку лесно
се лизга преку своите нерастопувачки стапки,
освен ако не го види неговиот леден, сигурен, крволочен чекор.
преведено од:
Звонко Танески

ОХРИД

НЕКАКВО СРЦЕ
Нешто чука овде. Некакво поместување. Некакво срце
што растекува како смола. Дури и така темно.
Вресокот те брише во самракот. Изгаснатите ламби
течат понатаму во новиот мрак.
Нештата и луѓето на улицата очигледно стареат,
секундите згуснуваат: јасно се гледа тоа
одблиску во темната стаклена лупа.
Во исто време кога темниот мраз на отворените лизгалишта во себе
наполно се заглавува, веќе и неповратно се топи.
Вртоглаво долгите празни осветлени возови без запирање
свират во пресрет на ноќта, продираат од површината на градот во
подземјето.
А кој е тој, скоро без очни капаци и непоколебливо како жив,
што стои понатаму во смекнатиот воздух на пероните,
со очите вперени не знаеш каде?
преведено од:
Звонко Танески

Св. Софија - Охрид


ЗАДРЖЕТЕ ЈА ПАНИКАТА
„Да се умре, тоа е само да не си виден“, тврди
локалниот вечен алкохоличар, чуварот на обраснатата Градина.
Времето овде во темните места е безвременско.
Сега е облачно, ама прилично мирно. Никој
не спие. Под прозорците моментално ми штрака претпотопскиот
жолт ноќен трамвај бр. 25. „Pax técum“, брз курир
од сите слободни и зафатени места.
Сè се случува. И јас, се надевам, исто така. Се чини
дека времето продолжува и бедата расте. Среќавам тука
многу живи траги. По тастатурата токму сега ми лази
страшно подвижна, страшно мала мравка –
речиси не се гледа. И во секој момент може
да исчезне или да експлодира.
преведено од:
Звонко Танески

Св. Наум


БРАН
Беше есен кога жителите на Непредвидливата Непредвидливост
ги зафати бран на неопислив нагризувачки немир –
нивните бледи лица на моменти речиси се губеа во него.
Ништо не знам за тоа, никогаш не сум бил таму. Главата
ми е празна. Го кажувам само она што ми го носи
брзата настојчива плунка на исповедната промена
чекор по чекор. Нараснува! Немирот
навлегува во мене: „светлото и збунетите нозе
што чекорат“. Каде сум?
преведено од:
Звонко Димески

Мост на Поезијата


ПАЛЕЦОТ НА ЦЕЗАР
Напуштајќи ја моќната ретроспектива на нашиот миленик Цезар
кај Картие, без двоумење ни се обрати една вознемирена
ситна старичка: Неверојатно, невидено! Ама
можете ли да ми кажете зошто сите тие позлатени автомобили и
сите тие прекрасни големи, брзи елегантни светкави и огледални нешта
сè уште се толку страшно з б и е н и, постојано стегнати со палецот,
целосно и бучно ги притиска и ги втиснува севезден во себе,
наполно, освен
напукнатиот лим, претворен во отпад во некаков шок од
тешката несреќа? Не знам,
нема да можам ни да заспијам ноќва поради сето тоа!
И ние бевме длабоко погодени од тоа (се сеќаваш).
Заговорнички ѝ се насмевнавме и молкум ги кренавме рамената
како маж и жена кои штотуку го преживеале сето тоа среќно.
Денес можеби би рекол дека сите тие громовни и забавени,
непопуштачко здрвувачки згуснувања на Цезар, сите тие ненадејни
запирања на сјајот и брзината предизвикана од силниот удар, сета
таа безмилосна пресувачка сила на натчовечкото з б и в а њ е
и втерувањето на сè во себе не потекнува можеби ни толку
од огништето на татнежот и од деловите на секундите
на бруталните автомобилски несреќи,
туку попрво некаде од длабоката тишина во нас. И сè уште спие (во витрините)
длабоко во древните мали, кревки, совршено мазни
Семејни статуетки, кои водени и контролирани од некаква непопустлива
растечка центрипеталност на своето интернализирање,
се з б и в а а т самите, пропаѓајќи некаде сосема во внатрешноста
од сопствената насладувачка затегната тајна.
Во ноќта на денот спиеме. Напнатоста расте.
Палецот на Цезар покажува нагоре.
преведено од:
Звонко Танески

Струшки Вечери на Поезијата
Повеќе од половина век секоја година на крајот на месец август во Струга, Република Северна Македонија се одржува најголемата светска поетска манифестација – Струшките вечери на поезијата. Манифестацијата е основно одбележје на градот Струга како туристички центар и на неа до сега присуствувале повеќе од 5000 поети од стотина земја. На поетскиот фестивал меѓу другото, се доделуваат и најголемото признание за целокупна поетска дејност, наградата „Златен венец“ со која до сега се овенчани некои од најзначајните светски поети.
*Текст извор: svp.org.mk*
Ви благодарам за вниманието!

2026

































